Оваа Македонија има иднина: Фаворитот Црна Гора пак се мачеше за победа

Женската ракометна репрезентација на Македонија забележа нов пораз во ЕХФ Еврокупот, откако одново беше поразена од фаворизираната селекција на Црна Гора, овој пат со 31-30 (16-16). И покрај вториот неуспех во ова натпреварување, нашите девојки повторно оставија одличен впечаток и нивниот пристап на паркетот, како и големата борба, влева голема надеж во иднина. Селекторот Љупчо Савевски и на овој натпревар шанса им даде на најмладите во својот ростар, кои одлично се справија со притисокот и најавија дека се иднината на нашиот женски ракомет. 

Иако Црна Гора на овој натпревар започна со далеку поквалитетен и поискусен состав во однос на дуелот во Скопје од пред неколку дена, нашите девојки не потпаднаа под притисокот и иако беа без најдобрата Сара Ристовска, одново му зададоа големи проблеми на фаворизираниот противник. 

Миновска и Стојковска беа расположени за надигрување и токму со нивните голови Македонија не дозволи домаќинот да фати ритам, а кон средината на првиот дел со голот на Јанкуловска, нашата селекција за првпат поведе со два гола разлика (5-7). 

Домашниот селектор Бојана Поповиќ беше приморана да реагира со тајм-аут, по кој нејзините девојки се созедоа и со серија од 5-0 ја вратија позитивата на своја страна (10-7). Сепак, Миновска, Стојковска и Дабевска не застанаа и во самиот финиш од првиот дел ги искористија грешките на Црна Гора и беа најзаслужни за егал резултатот на полувреме, 16-16.

Црногорките свесни дека одиграа под своето ниво во првите триесет минути, во вторите презедоа сè во свои раце и не оставија ништо на случајност. Радичевиќ, Брновиќ и Рамусовиќ влегоа во посакуваниот ритам и почнаа да го полнат нашиот гол.

Македонија влезе во грч и грешки во фазата на нападот, па тоа донесе лесни голови на домаќинот и водство од 27-22 на петнаесет минути до крајот на натпреварот. Но, младите девојки на Савевски не се предадоа и со деби-голот на младата Ризоска, се вратија на еден гол негатива (28-27). Сепак, искуството на Црна Гора беше пресудно во финишот, Македонија влезе во мини-криза, која што беше казнета од притивникот за конечна победа на Црна Гора од минимални 31-30.

Поранешната вардарка Јованка Радичевиќ беше најдобра на овој дуел со осум погодоци, но македонската ракометарка Ангела Јанкуловска ја следеше во чекор и даде гол помалку. Покрај неа, добар настап оствари и Миновска која даде пет, како и Стојоковска и Јанеска кои дадоа по четири гола.