Македонија одигра конкурентен сет, но загуби и од Португалките

Женската ракометна репрезентација на плажа со три порази на три меча ја заврши групната фаза на Европското првенство (ЕП) кое се игра во Португалија.

Во третиот натпревар, нашите ракометарки доживеаја пораз од домаќинот на турнирот, кој го доби дуелот со 0-2 во сетови (12-20, 14-17). Избраничките на Златко Мојсовски го одиграа најконкурентниот сет на овој настан, тоа беше вториот, но не успеаја да дојдат до „златен сет“.

Кај Португалките, Даниела Мендеш имаше 14 поени, пред Јоана Ресенде со 11 поени, а Софија Гончалвес даде шест, додека кај Македонија, Бојана Диневска заврши со шест, Теодора Маркоска и Ангела Јанкуловска имаа по четири, а Ана Марија Божиновска додаде два поени.

Покрај од Португалките, Македонија загуби и од Украина и Холандија. За нашиот национален тим сега следи разигрување за пласман.