Македонија одигра како по ноти во Баку и се „чекира“ на ново ЕП!

Ракометарките на Македонија на коло пред крајот на квалификациската група се пласираа на Европското првенство. Избраничките на Кристијан Грчевски беа убедливи и одиграа моќна партија против Азербејџан во Баку, па славеа со 22-37 (12-19). Едноставно македонските девојки беа надмоќни против аутсајдерот во групата, имаа повеќе решенија во нападот, одбраната беше на врвно ниво и сосема заслужено впишаа нови бодови.

Нашите ракометарки одлично влегоа во мечот, па со головите на Гичевска, Саздовска и два на Маџовска поведоа со 0-4 во првите пет минути. Сепак, тогаш се влезе во серија грешки и тоа домаќинот знаеше да го искористи. Со добра серија Азербејџанките прво се приближија, а потоа дојдоа и првпат до егал (5-5). Македонија одговори со голови на Арсениевска и Гакидова, ама одново домаќинките се вратија до ново израмнување (7-7). 

По краток период во кој се играше гол за гол, избраничките на Грчевски го кренаа темпото. Азербејџан парираше до 11-12, за потоа до крајот на полувремето Македонија да даде седум, а да прими само еден гол и на одмор се замина со веќе убедливи 12-19. Разноврсноста беше главна одлика на нашиот национален тим, бидејќи имаше многу девојки кои даваа голови, а тоа секогаш е добра вест. Кај домаќинките се истакна голманката Расулова која собра осум одбрани, но и покрај тоа Македонија го покажа својот квалитет. 

Второто полувреме Азербејџан го отвори со два гола, а Грчевски почна да ротира. Ниту тоа не го смени изгледот на силите на паркетот. Македонија со две мини-серии успеа да поведе со двоцифрени 17-27 во 43. минута. Полека домашната селекција почна дополнително да паѓа, а тоа нашите девојки успеваа да го казнат. Предноста продолжи да расте, ротираниот наш состав го наполни домашниот гол и запиша убедлив двоцифрен триумф. Најефикасна ракометарка во нашиот состав беше Јована Саздовска со седум реализации, еден помалку даде Ристовска, а пет постигна Коларовска. 

Со оваа победа Македонија си обезбеди учество на втор континентален собир во низа. Технички се чека уште победа на Шпанките во Литванија, меѓутоа и најлудото сценарио тешки би можело да ја остави нашата селекција без Европско првенство, бидејќи тука е и пласманот на најдобрите третопласирани во групите.