Големо реми на Македонија со Шведска, сè е отворено во битката за мундијалско четвртфинале

Кадетската ракометна репрезентација на Македонија одигра големо реми против Шведска 20-20 (12-10), во рамките на првото коло во главната фаза на Светското првенство. Одново со поддршка од трибините на СЦ „Јане Сандански“, Македонија одигра одличен натпревар и заслужено освои бод со скандинавките. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Македонија и Шведска:

Швеѓанките отворија добро, имаа резултатска контрола и почесто водеа во Скопје. Македонија сепак се одржуваше близу и не дозволуваше одлепување, но скандинавскиот колектив по 20 минути игра дојде имаше осетна предност од 9-5. Тоа како да ги разбуди девојките на Савевски, кои почнаа да играат одлична одбрана и беа далеку поконкретни во нападите. 

Со одлична игра во последните десет минути од полувремето Македонија направи серија од 7-1 до полувремето, за на пауза да се замине со домашно водство од 12-10. На теренот најрасположена беше Младеновска која пет пати ја тресеше противничката мрежа, а имаше и помош од помеѓу стативите.

Второто полувреме започна во знакот на Швеѓанките кои со серија од 0-3 направија пресврт и пак поведоа минимално. Потоа имаше резултатска брканица, двете селекции се менуваа во водството и се играше гол за гол. Гостинките беа во подобра позиција, водеа минимално и диктираа темпо, ама немаше откажување од нашите ракометарки. 

Во незгоден момент Македонија остана со ракометарка помалку, меѓутоа долгиот напад го реализира Ризоска за израмнување (17-17). Швеѓанките лесно реализираа, а во нов мачен напад до пасивност изостана реализација од добро затворената Младеновска. Ривалките пак поведоа со два гола и останаа со девојка помалку на паркетот. Тоа резултираше полесни напади и голови на Ризоска и Велкова за израмнување на минута до крајот. Шведска ризикуваше, нападна со седум ракометарки и дојде до погодок за водство, а Македонија по тајм-аут имаше уште 17 секунди за реми. Савевски врати во иста мера со девојка повеќе, па на пет секунди до крајот Дукоска стрелаше за израмнувачки 20-20 и голем бод. Најдобар стрелец на Македонија беше Младеновска со петте гола во првиот дел, а по трипати погодија Велкова и Дукоска. Во таборот на Швеѓанките се истакна Михаиловиќ со пет гола.

Сега, сите математики се отворени и за пласман во четвртфиналето може да одлучува дури и гол-разликата. Македонија во последното коло игра со фаворитот Исланд, додека Шведска оди на мегдан со Иран. Потребен е уште еден бод за да се обезбеди место во следната фаза, додека и при пораз со Исланѓанките постои шанса.