Македонија од вториот шешир ќе ги чека ривалите за квалификациите за ЕП 2022

Во периодот кога ракометна Македонија е во исчекување на одговорот на ЕХФ и ИХФ дали ќе ѝ биде прифатена „специјалната покана“ за следното Светско првенство во Египет, Европската куќа на ракометот ги објави шеширите за квалификациите за континенталниот собир во 2022 година. 

Македонските ракометари заедно со селекциите на Австрија, Белорусија, Португалија, Србија, Русија, Црна Гора и Холандија своите ривали ќе ги чекаат од вториот шешир. Квалификациите ќе бидат составени од осум групи од по четири селекции, а ждрепката е закажана за 16 јуни. 

Пласман на Европското првенство ќе обезбедат првите две селекции од сите групи, како и четири најдобро рангирани селекции кои ќе завршат на третата позиција. Директен пласман досега обезбедија шампионот и вицешампионот Шпанија и Хрватска, како и Словачка и Унгарија. 

Прв шешир: 
Норвешка, Словенија, Чешка, Исланд, Шведска, Данска, Германија, Франција
Втор шешир: 
Македонија, Србија, Русија, Црна Гора, Холандија, Австрија, Белорусија, Португалија,
Трет шешир: 
Швајцарија, Литванија, Романија, Босна и Херцеговина, Украина, Летонија, Полска, Белгија
Четврти шешир: 
Финска, Италија, Турција, Израел, Естонија, Грција, Косово, Фарски Острови

Следниот европски шампионат ќе се одржи во Унгарија и Словачка и ќе биде вториот континентален собир со по 24 селекции. На последниот, Македонија не успеа да ја оствари зацртаната цел и не ја помина првата групна фаза, што резултираше со 15-то место.