• Саше Љолес
Женската ракометна репрезентација на Македонија избори пласман на претстојното Европско првенство и оствари значаен успех, а ждрепката за групната фаза официјално ќе ја пречека од третиот шешир.
Македонките се најдоа во истиот шешир со Словенија, Хрватска, Полска, Исланд и Србија, па извесно е дека овие противници сигурно нема да бидат во нашата група. Најсилен е секако првиот шешир, каде се наоѓаат Франција, Шведска, Данска, Црна Гора, Норвешка и Холандија, кои воедно ќе бидат и носители на групите.
Нашите девојки сигурно ќе добијат тешка и квалитетна група, но надежта за позитивен резултат секогаш постои и тие со максимална мотивација ќе отпатуваат на континенталниот собир.
Европското првенство ќе трае од 28 ноември до 15 декември годинава, а групната фаза ќе се одигра во три градови - Базел (Швајцарија), Инсбрук (Австрија) и Дебрецен (Унгарија). Ждрепката ќе се одржи на 18 април со почеток во 18:00 часот.