Македонија од одличен прв дел, до пораз со Словачка

Женската ракометна репрезентација на Македонија го доживеа вториот пораз на турнирот „Трофеј Карпати“ во Романија. Нашиот национален тим имаше добар дуел, но загуби од Словачка со резултат 27-29.

Нашиот национален тим имаше одличен прв дел, но грешките во вториот дел го направија своето. На пауза Македонија замина со предност од 17-15, пред се поради добриот напад кој ги реализираше шансите.

Во второто полувреме, работите се променија, Словачка фати егал и се играше израмнето се до влезот во последните десет минути. Неколкуте промашени напади и технички грешки му дозволија на ривалот да се одлепи на три гола предност и тука мечот веќе беше готов.

За МВП на натпреварот беше прогласена Сара Ристовска од Македонија која беше најдобар стрелец на натпреварот со седум постигнати гола. Последниот натпревар на Македонија на „Трофеј Карпати“ е во недела против Швајцарија.