• Горан Упале
Ракометната репрезентација на Македонија загуби во полуфиналето на Медитеранските игри во Алжир, откако беше совладана во битката со фаворизираниот состав на Египет, кој на крај убедливо славеше со 20-34.
Египетските ѕвезди имаа далеку поголема поддршка од трибините и носени од одличната атмосфера во салата подобро го отворија натпреварот. Марко Кизиќ со две врзани одбрани го чуваше својот гол, но ниту нашиот напад не беше на ниво, на првиот гол беше постигнат по три и пол минути игра.
Египет поведе, а потоа со мини-серија се избори за водство од 4-1. Наш прв стрелец во ова полуфинале беше младиот кружен напаѓач Стојковиќ, а покрај него во првите петнаесет минути погодија уште Младеновиќ, Ѓоргиев и Јагуриновски за 4-6 за фаворизираниот противник.
Во тој период голманот на Еурофарм Пелистер одново им бранеше зицери на Египѓаните, а во нападот прецизни беа Петров и Костески за намалување на водството на само еден гол негатива (6-7). Во последната третина од првото полувреме, Лазаров се реши за нешто поагресивна одбрана, а направи и неколку промени во нападот, но тоа не донесе резултат. Неговите пулени во 24. минута има контра за враќање на негативата на еден гол, но не ја реализираа и влегоја во криза која што на противникот му донесе убедливо водство на полувреме од шест гола разлика.
Нашите надежни ракометари и на стартот од вториот дел продолжија со техничките грешки во фазата на напад. Египет искусно го искористи тоа и во 38. минута за првпат стигна до двоцифрена предност (12-22), по што прашањето на победникот на натпреварот веќе беше решено. Лазаров шанса за докажување им даде и на ракометарите од клупата, а промени имаше и во составот на Египет, па финишот од натпреварот се одигра без поголем притисок на двете страни. На крај поискусниот противник се избори за убедлива победа од 14 гола разлика.
Павле Атанасијевиќ, Џонов, Стојковски и Јагуриновски со по три гола беа најефикасни во нашиот табор, а кај Египет се истакна Санад со осум погодоци.
Во второто полуфинале на Медитеранските игри во Оран ќе се сретнат Шпанија и Србија. Поразениот од овој дуел в среда ќе се сретне со Македонија, додека победникиот ќе игра за злато со Египет.