Македонија не смее да загуби ако сака ТОП-8: Шведска го уништи Иран!

Женската ракометна репрезентација на Македонија до 18 години го чека последниот натпревар против Исланд во втората фаза од СП во Скопје, а познато е какви се конечните математики на нашите надежи за пласман во четвртфиналето.

Ако сакаат да играат меѓу најдобрите осум на ракометниот Мундијал, тогаш избраничките на Љубомир Савевски мора да останат непоразени во натпреварот против Исланд кој се игра од 20:30 часот. Исланѓанките се први, а сега втората позиција ја презеде Шведска која го уништи Иран (39-19). Со високата победа на „трите круни“, паѓа во вода шансата за пласман во нокаут-рундата со пристоен пораз. Шведска ја подобри гол-разликата со високиот триумф и Македонија мора да атакува на успех.

Нашиот национален тим го победи Исланд на последниот ЕХФ Шампионат во Клаипеда каде оваа генерација стана шампион. Првиот во нашата група вкрстува со Холандија, додека вториот оди на Јужна Кореја во четвртфиналната фаза.

Македонија со победа над Исланд ќе биде прва, реми носи второ место, додека со пораз патуваме во разигурвањето за од 9 до 12 место на Мундијалот во Скопје.