• Иван Димовски
Македонската ракометна репрезентација гостува кај Литванија во рамките на второто коло во квалификациите за Европското првенство.
По стартната победа над Естонците, сега момците на Кирил Лазаров ги очекува малку потешка задача на гостувањето во Виљнус. Литванија важи за поквалитетен ривал, ќе биде мотивирана од домашниот терен и публиката, па ќе се обиде да ја изненади Македонија, која сепак е фаворит во натпреварот. Дуелот со Естонија во Скопје мина донекаде неочекувано, бидејќи гостинот кој важеше за огромен аутсајдер сериозно ја испоти нашата репрезентација. Со брза игра на многу голови Естонците парираа во СЦ „Борис Трајковски“, а на крајот нашите момци на квалитет го решија овој дуел во своја корист.
Недостигаа на скопскиот меч одбраните од голманите, но и цврстина во дефанзивата. Нападот функционираше добро, се реализираа зацртаните акции, а впрочем за тоа зборува и резултатот (37 постигнати со 33 примени гола). Најави селекторот Лазаров дека за овие неколку денови следниот ривал ќе биде добро анализиран. Литванија е поквалитетна, па тоа повикува на уште поголема претпазливост и мора максимален пристап со целосна концентрација во два правци.
Квалитетот дефинитивно е на страната на Македонија, во нашиот тим има играчи кои настапуваат во посилни лиги, а тоа мора да биде пресудно за уште една победа колку и да е тешко и незгодно гостување.
Средбата во Вилнус меѓу Литванија и Македонија се игра во терминот од 17:00 часот.