Македонија мачно ја „скрши“ Нигерија и ја запиша првата победа на Мундијалот

Кадетската ракометна репрезентација на Македонија забележа триумф во вториот натпревар на Светското првенство (СП) против Нигерија (34-37) и ги прокнижи првите бодови на светскиот ракометен собир кој се игра во нашата земја.

Потешко од очекувањата, нашите ракометни надежи дојдоа до првата радост над африканската селекција која важеше за аутсајдер. Гледавме една игра полна со осцилации, кои во иднина мора да се избегнат ако се сака нешто повеќе на овој ракометен Мундијал. Македонија сега зад своето име има една победа над Нигерија и еден пораз од Аргентина.

Нашиот национален тим подобро го отвори натпреварот и слично како на првиот дуел со Аргентина, имаше контрола на играта во првото полувреме. Кизиќ пак беше на висината на задачата, а лидери беа Серафимов и Костески, кои стартуваа според планот.

Македонија прво се одлепи на 3-6, па водеше и со 6-9, за потоа, десет минути пред крајот на првиот дел да се јават првите проблеми. Нигерија лесно постигнуваше голови, а по две наши грешки во нападите, од 10-13, дојде на 13-13. Следеше голманска промена во нашиот национален тим, влезе Петковски, кој фати една топка и овозможи напад кој се реализира.

Потоа, погодија Карапалевски и Симоновски, за враќање на предноста (13-16) која се сочува до паузата (16-18). Нигерија даде два брзи гола на стартот на вториот дел, изедначи на 18-18, а оттогаш па се до финишот, Македонија се мачеше. 

Избраниците на Брестовац одеа најмногу до два позитива, а противникот секогаш се враќаше. беше 20-20, па 22-22, за на 15 минути пред финишот, на семафорот да стои 25-25. Неизвесноста траеше на пет минути пред крајот, кога Кизиќ блесна меѓу стативите, Божиновски погоди за 30-32, па нашата одбрана реагираше на ниво, за во наредниот напад, Костески да реализира за 30-33 со што практично се реши мечот.

Најдобар поединец во нашиот национален тим беше Ненад Костески со 13 гола, а го следеше Мартин Серафимов со десет. Кај Нигерија, главен играч беше Екподио со 11 гола, додека Јусуф реализира осум пати.

Во наредното коло на СП кое се игра утре, нашиот национален тим игра против Бахреин.