Македонија ја избегна Норвешка, ќе добиеме група во Австрија или Шведска

Европската куќа на ракометот објасни како ќе се одвива ждрепката за Европското првенство во 2020 година. Извесно е дека на 28 јуни во Виена, нашата селекција ќе биде класифицирана во вториот шешир пред извлекувањето, а со оглед на одредбите некои селекции да играат во градови кои се блиски до татковината, за да имаат голем број на навивачи, Македонија има две опции - да игра групна фаза во Австрија или Шведска.

Најдалечната норвешка опција е исклучена со оглед на тоа што Германија и Норвешка ќе играат во групата во Трондхајм, а двете се дел од вториот шешир, како и Македонија, и не може да бидат наши ривали во првата фаза.

Данска и Шведска се домаќини во Малме и Гетеборг и ако Македонија падне во една од овие две групи ќе патува во Скандинавија. Во „Малме Арена“ никогаш не сме играле, бидејќи не се квалификувавме за Светското првенство во 2011 година, а во Гетеборг игравме олимписки квалификации во април 2012 година.

Најдобрата и најблиската опција е Австрија и двата града од оваа земја во кои ќе се игра Европското првенство, Грац или Виена. Хрватска е носител во групата во Грац, а Австрија ќе игра во главниот град. Според голем број наши фанови Австрија е најдобра опција за нашата селекција, а и претседателот на федерацијата Живко Мукаетов вчера потврди дека заради можноста „Фалангата“ да биде побројна, Австрија е најдобра опција.