Македонија има четири „ривали“ за вајлд-карта за СП во Египет

Голем број ракометни репрезентација извисија од можноста да се борат за место на следниот Мундијал, кој на почетокот на 2021 година треба да се одигра во Египет.

Поради пандемијата со коронавирус, ЕХФ и ИХФ ги суспендираа бараж натпреварите и од стариот континент во Египет ќе патуваат најдобрите 14 селекции од последното Европско првенство. 

На тој начин Македонија автоматски отпадна од борбата за Светско првенство, но не ја загуби шансата за учество на планетарниот собир, затоа што има уште две слободни места кои се резервирани за европски селекции. 

Така, нашата ракометна федерација од поодамна аплицираше за покана за настап на Мундијалот, а досега има четири ривали. Последна селекцијата која испрати барање за специјална покана е Русија, а претходно истото го направија и Србија, Црна Гора и Полска

Засега познати се 28 учесници на турнирот во Египет, а покрај специјалните покани остануваат уште места за шампионот на Северна Америка и шампионот на Јужна и Средна Америка.