• Иван Димовски
Ракометарките на Македонија со убедлива победа над Литванија од 34-24 (18-12) го затворија циклусот квалификации за Европското првенство. Нашите репрезентативки и со комбиниран состав беа пресилни за гостинот во СЦ „Борис Трајковски“, за крајна убедлива победа и заверка на одличната квалификациска форма.
Во мечот се влезе израмнето и по нашата стартна предност од 3-1 следеше егал игра. Литванките парираа до 7-7, кога нашиот национален состав со три мини-серии од по 3-0, во период во кој прими само два гола се одлепи на високи седум разлика. Се очекуваше со таков резултат да се замине на одморот, меѓутоа Дамулевичиуте погоди во последниот удар од девет метри на поставен целосен блок за 18-12.
Грчевски даде шанса на сите ракометарки, а знаејќи дека веќе сме пласирани на шампионатот имаше простор да комбинира. Носителките на играта добија поштеда, меѓутоа и оние кои играа беа апсолутно перфектни. Меѓу стативите добра партија имаа голманките Мицевска со седум и Петковска со пет интервенции, со што ги откажаа гостинките.
Во вториот дел Македонија поведе со високи девет разлика (23-14), по што следеше мало опуштање и Литванија пријде на 27-23. Сепак, од тој момент до крајот девојките на Грчевски постигнаа седум, а примија само еден гол за конечна двоцифрена победа за крај на групната фаза.
Андреа Седлоска и Емилијана Ризоска со по шест гола беа најдобри во составот на Македонија, а четири даде Ива Младеновска.