Македонија го промаши натпреварот: Хрватска победи без да се „испоти“

Добро беше дури се надевавме, но Хрватска нè „спушти на земја“ со убедлива победа од 24-34 (13-17) во првиот меч од втората групна фаза на Eвропското првенство во Краков. Македонија пак се врати во црвено-жолтата гарнитура на дресови, како на првите два натпревари од групата А. Но, почнавме лошо и со головите на Копљар, Штрлек и Мариќ, Хрватска поведе со 0-3. Нашиот селектор побара минута одмор по само шест минути. 

Но, Хрватите делуваа незадржливо и со третиот гол на Копљар, предноста веќе беше 1-6. Алиловиќ одбрани четири топки во првата фаза од мечот и стекна потребна самодоверба за неговата игра. Дури и кога фативме приклучок и Стоилов и Георгиевски постигнаа по некој гол, во одбраната не можевме брзо да се вратиме и примивме серија на голови по брз центар.

Дупјачанец застана на голот и одбрани две топки, а на половина полувреме веќе беше 5-10. Дејан Манасков постигна три последователни гола од седум метри и намали на 8-13 во 25. минута. Како никогаш, на ова полувреме нашата одбрана се растури и за едно полувреме примивме 17 гола. Добро е што Кузмановски и Манасков, со по два неодговорени гола пред одморот, го поправија впечатокот (13-17).

Голот на Филип Кузмановски на почетокот од вториот дел ни ги подгреа надежите, но следеа три на хрватските ракометари за 15-20. Мануел Штрлек како „молња леташе“ низ контранападите, а и Мариќ потврди движења и квалитет за 18-26 во 44. минута. Мечот го завршивме со скоро сите таканаречени резервисти, но разликата не се намали и мечот заврши со финални 24-34 (13-17).

Во нашата репрезентација Дејан Манасков со 7 и Филип Кузмановски со 4 гола одиграа солидно, но колективно Македонија целосно потфрли. Кај хрватската перфектна селекција, се издвоија Штрлек и Мариќ со по 5 гола.