• Мартин Танасковски

Македонската ракометна репрезентација вечерва ги започнува квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Избраниците на Кирил Лазаров пред домашната публика во Скопје ќе ја пречекаат селекцијата на Луксембург, со јасна цел, победнички старт на новиот квалификациски циклус.
Ракометната еуфорија повторно се враќа во „Борис Трајковски“. Македонија вечерва од 19:00 часот ќе го одигра првиот натпревар од квалификациите за континенталниот собир кој во јануари 2028 година ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Швајцарија. На хартија, македонската репрезентација ја има фаворитската улога, но селекторот Кирил Лазаров и неговите ракометари се свесни дека до посакуваните бодови ќе мора да стигнат со сериозен пристап, максимална концентрација и добра реализација.
Луксембург е првиот противник на Македонија во групата 8, во која се наоѓаат уште Шведска и Грција. Пред нашата репрезентација е важен период во кој секој освоен бод може да има големо значење во трката за пласман на Европското првенство. Историјата на меѓусебните дуели е на страната на македонската репрезентација. Македонија има максимален ефект против Луксембург, со шест победи од шест одиграни натпревари. Последната пресметка меѓу двете селекции беше во април 2023 година, кога Македонија на гостински терен славеше со 28-23. Тоа воедно беше и најтесната победа на нашата репрезентација во досегашните меѓусебни дуели. Сепак, Луксембург не смее да биде потценет. Станува збор за селекција која се обидува да го подигне своето ниво, а дополнителен мотив за гостите ќе биде можноста да направат изненадување на стартот од квалификациите.
Еден од најинтересните моменти во составот на Македонија е присуството на Дмитро Горига, кој доби можност да дебитира во националниот дрес. Украинскиот лев бек, кој настапува за ПИК Сегед, треба да донесе дополнителна сила и квалитет во бековската линија. Капитенот Филип Кузмановски, Марко Митев, Мартин Серафимов, Мартин Велковски и останатите репрезентативци ќе имаат задача да го наметнат темпото и да ја искористат предноста на домашниот терен. Лазаров за првите два квалификациски натпревари се одлучи за список од 18 ракометари, а меѓу позначајните отсуства е искусниот Жарко Пешевски, додека Никола Митревски се наоѓа меѓу резервите.
Македонија има сериозна традиција на европските шампионати и ќе се обиде да ја продолжи низата настапи на континенталните собири. Најдобриот резултат во историјата на нашата репрезентација на Европските првенства е петтото место во 2012 година. Пласман на ЕП 2028 ќе обезбедат првопласираните и второпласираните репрезентации од осумте квалификациски групи, како и четирите најдобри третопласирани селекции.
Тоа значи дека Македонија има реална можност да ја оствари својата цел, но добриот старт е од особена важност. По вечерашниот дуел со Луксембург, македонските ракометари веќе в недела ги очекува гостување кај Грција во Халкида. Два натпревари во краток временски период, кои можат да го одредат почетниот правец на квалификациската кампања.





