• Горан Упале
Ракометната репрезентација на Македонија вечерва ќе ги дознае противниците на следното Светско првенство. Организаторите Норвешка, Данска и пред сè Хрватска ја изоставија нашата репрезентација при распределбата во групите пред извлекувањето.
Иако ракометната јавност во Македонија се надеваше дека Хрватите ќе нè изберат за една од четирите групи на нивно тло, тоа не се случи. Тие се сместија себеси во групата Х во Загреб, а во овој град ќе игра и Словенија во групата Г. Австрија доби место во групата Ц во Пореч, додека Унгарците се сместени во Вараждин.
Така, Македонија оди на ждрепка и шансите да игра во Хрватска се педесет-педесет. Нашите ракометари извлекувањето го чекаат од третиот шешир и нема да може да се судрат со Полска, Катар, Бразил, Аргентина, Куба, Јапонија и Алжир.
Извлекувањето за групната фаза на Светското првенство ќе се одржи вечерва од 19:30 часот во Загреб.