Македонија ЃП тренира на асфалт затоа што нема сала и бара помош!

Ракометниот прволигаш Македонија Ѓорче Петров оваа сезона сака да се бори за влез во Суперлигата, склопи добар тим, меѓутоа подготовките ги минува во далеку поинаков план од предвиденото.

Од клубот соопштија дека се приморани да тренираат на асфалт затоа што немаат место за соодветен тренинг, поради комплицирани административни процедури за добивање на салата. Се обратиле до сите можни истанци, помош бараат од градоначалникот на Град Скопје. Се надеваат на позитивен епилог, затоа што сакаат да се фокусираат на борба за влез во Суперлигата.

„Ништо немаме на ум веќе. Патувавме низ времето. Тренинзи ракометни на асфалт како во 60-тите и 70-тите години на минатиот век. Во денешно време. Само затоа што со нас си играат институционален пинг понг и "високи" политики кои се прекршуваат преку нашиот грб. 70-тина ракометари вежбаат под отворено небо, само кога не врне. Дали има смисла целокупниот наш напор? Се обративме до сите релевантни фактори за салата. Градоначалник на Град Скопје, Секретар на Град Скопје, а денеска до Совет и до Градоначалник на Општина Ѓорче Петров. Нашите можности се тие. Се друго е надвор од нашето поле на дејствување“, велат од Македонија ЃП.

Македонија ЃП ги одработува подготовките веќе еден месец надвор од салата и чека на одговор за првпат да се влезе во објект во кој ќе може нормално да се тренира.