• Иван Димовски
Ракометната репрезентација на Македонија претрпе пораз на гостувањето во Кошалин кај Полска од 22-18 (14-8) во првиот бараж натпревар во борбата за Светското првенство. Иако губевме со десет разлика на влезот на 49. минута, со одлична серија на крајот нашите ракометарки стигнаа до поднослив пораз и активен резултат за реваншот во Битола.
Домаќинките отворија подобро и поведоа од стартот, првите наши голови паднаа преку Дамјаноска и Кипријановска (3-2), а потоа Ристовска не искористи шанса да израмниме. Сепак, ривалките погрешија и во контра Саздовска погоди за 3-3. Врза Полска два гола, ама оставаше и шанси за нашите девојки. Откако Ристовска намали од седум метри на 5-4, направивме техничка грешка во нападот за нов егал. Домашниве пак поведоа со „плус два“, но на наша среќа грешеа во неколку акции.
Македонија влезе во мала напаѓачка криза и тоа го натера селекторот Грчевски на тајм-аут во 14. минута. Ниту тоа не вроди со плод бидејќи Јанкуловска се надоврза на промашувањето на Маџовска претходно, а Кобилинска и Балсам погодија за највисоки дотогаш 8-4. Успеавме да врземе два гола на Јанеска и Ристовска (8-6), но пех беше веројатно потешката повреда на Ивана Арсениевска.
<<< - ПОВРЗАНО - Голем пех: Арсениевска се повреди, теренот го напушти на раце и со солзи (ВИДЕО)
Полска знаеше да ги казни нашите грешки, па повторно ја врати предноста од четири гола (10-6). Откако Ристовска реализира уште еден седмерец, Росиак и Промис врзаа три погодоци за највисоки шест разлика, а со таков резултат се замина и на одмор (14-8). Вториот дел тргна со голови на Промис и Маџовска, домаќинките воспоставија контрола и сигурно водеа. Предноста во првите десетина минути варираше меѓу шест и седум гола, а ние се мачевме да парираме. Со четврти гол на Промис во низа Полска стекна дотогаш највисоки 19-11 од седум метри.
Иако дадовме гол преку Кипријановска домашните ракометарки успеаја да стекнат двоцифрена предност на влезот на 45. минута. Откако поведоа со 22-12, следуваше наша серија од 0-6 користејќи го и краткиот период кога имавме две ракометарки повеќе. Погодуваа Саздовска, Коларовска, по двапати Гакидова и Ристовска за 22-18. Во ритам влезе и голманката Мицевска која за крај направи спектакуларна двојна интервенција, задржувајќи го противничкиот тим речиси дванаесет минути без гол.
Наша најдобра ракометарка беше Сара Ристовска која даде осум гола од десет обиди, додека по двапати погодуваа Гакидова, Коларовска и Дамјаноска. Во таборот на Полска со максимални шест од шест заврши Анета Промис.

