Македонија добива ривал за СП: Чешка и Полска делуваат најповолно

Женската ракометна репрезентација на Македонија со три победи на три средби се пласира во баражот за Светското првенство (СП) кое пред крајот на 2021 година ќе се игра во Шпанија, а денес го добива ривалот.

На ждрепката Македонија ќе биде меѓу неносителите, а кај носителите има европски ракометни гиганти. Меѓу можните противници се наоѓаат репрезентациите на Чешка, Германија, Унгарија, Црна Гора, Полска, Романија, Русија, Србија, Словенија и Шведска.

Кога ќе се споредат сите имиња, како најповолни делуваат Чешка и Полска. Останатите се редовни на големите натпреварувања и котираат меѓу најдобрите. Колку за илустрација, Македонија во претходните два баражи за СП играше со Шведска и Словенија и не успеа да ги скокне пречките.

Селекторот Симе Симовски по последниот натпревар против Грција на кој се победи минимално (19-20) истакна дека нема посебни желби.

„Околу баражот, немам посебна желба за противник. Се работи за место каде учествуваат репрезентации од европскиот ракометен крем. Ние бевме фокусирани на квалификациите, каде успеавме да победиме три противници на три меча, а откако ќе го добиеме противникот ќе мислиме на баражот“, кажа Симовски.

Ждрепката за баражот за Светското првенство (СП) ќе се одржи од 15:00 часот.