Македонија доби соседна конкуренција – Србија сака „специјална покана“ за СП 2021

Откако ЕХФ и ИХФ ги откажаа бараж натпреварите, Македонија остана без шанси на терен да се избори за ново учество на Светско ракометно првенство, кое на почетокот на следната година треба да се одржи во Египет

Поради овие промени учество на Мундијалот обезбедија првите 14 селекции на последното Европско првенство, каде не беше сместена Македонија, но шансите за избраниците на Брестовац да ги видиме во Египет сè уште постојат. Затоа што остануваат уште две слободни места, ИХФ ќе додели две „специјални покани“, за кои сигурно ќе конкурира и Македонија. 

Од денес, го дознавме новиот ривал во оваа „борба“, а тоа е северниот сосед Србија, откако Ракометниот сојуз на оваа држава аплицираше за „специјалната покана“ за Светското првенство.

„Ракометна Србија е подготвена и играчки и финансиски и организационо да учествува на овој собир. За потсетување до 2009 година учествувавме на 10 од 12 Европски и Светски шампионати“, меѓу другото пишува во објавата на РСС.

Светското првенство во Египет се игра во јануари 2021 година и за првпат ќе биде организирано во формат од 32 селекции.