Македонија доби дополнително место во Европската лига на ЕХФ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) го претстави новиот распоред на места за своите женски клупски натпреварувања за сезоната 2026/27, кој е утврден врз основа на резултатите на клубовите од националните федерации во изминатите три сезони — од 2022/23 до 2024/25.

Најзабележителна промена во рангирањето на Лигата на шампионките е големиот скок на Хрватска, која од 12-тото место се искачи на осмото. Со тоа, хрватските клубови за првпат по подолг период ќе имаат загарантирано место во најелитното европско натпреварување. Во Лигата на шампионки, деветте најдобро рангирани федерации добиваат сигурен настап. Од тој круг испаѓа Русија, чии клубови веќе три сезони не учествуваат во европските натпреварувања.

Благодарение на уште еден трофеј на Ѓер, Унгарија го задржа врвот на листата. Данска, Франција, Норвешка, Романија, Германија, Словенија и Црна Гора остануваат во групата на федерации со директно место во елитата.

Во Европската лига за жени, Шпанија направи голем исчекор, се искачи од 10-тата на седмата позиција, што ѝ овозможува да има три клуба во натпреварувањето наместо досегашните два. Победата на Икаст над Турингер во финалето беше клучна за Данска и Германија да го задржат првото и второто место на ранг-листата, останувајќи единствените федерации со по четири клуба во ова натпреварување.

Македонија и Португалија исто така бележат напредок, благодарение на солидните настапи на своите клубови, двете земји ќе имаат по два претставника во Европската лига во сезоната 2026/27. Импресивен скок направи и Словачка, која напредува за 11 позиции и обезбеди едно сигурно место во Европската лига. Од друга страна, Исланд падна во рангирањето и загуби едно од двете досегашни загарантирани места.

Во Европскиот куп за жени, распределбата на местата зависи од тоа колку клубови од секоја земја учествуваат во двете повисоки категории. Секоја федерација има вкупно четири места, освен двете најдобро рангирани во Европската лига — Данска и Германија, кои имаат по пет.

Земјите што во изминатите три сезони немале претставници во европските клупски натпреварувања, ќе располагаат со три места, сите за Европскиот куп. Во сезоната 2026/27, шест федерации, тоа се Фарски Острови, Босна и Херцеговина, Белгија, Малта, Литванија и Бугарија, ќе имаат по четири клуба во Европскиот куп, што претставува поттик за развој на женскиот ракомет во овие земји.