Македонија блиску до петто учество на ЕП во низа, Турција е последната пречка

Македонската репрезентација вечерва ќе гостува во Турција во рамки од 5. коло во квалификациите за Европското првенство 2020.

Нашиот национален тим е на врвот на групата 3 со две победи, едно реми и еден пораз. Првото соочување со денешниот противник се одигра во Битола и заврши во полза на избраниците на Данило Брестовац.

Победата е императив за Македонија со која ќе се обезбеди уште едно учество на голем турнир. Првото место нема да биде загарантирано, а за истото ќе треба да се надигра и Грција на крајот од оваа недела. 

Со Турците имаме позитивен скор на трите официјални одиграни натпревари. Два завршиле во наша полза, а противникот се радувал на триумф во пријателска средба одиграна минатата година. Сигурно дека нашиот ривал ќе има што да покаже пред своите гледачи и ќе се надева на одмазда за поразот на првиот меч. На тоа македонските ракометари ќе треба да одговорат, играјќи ја својата игра и да докажат зошто се за класа подобри од турската репрезентација.

Единствен хендикеп за Брестовац ќе биде отсуството на повредениот Дејан Манасков, а скратени од конечниот список беа Мартин Манасков, Горан Крстевски, Филип Арсеновски, Мартин Томовски и Мартин Серафимов.

По дебаклот во Кожани, репрезентативците покажаа одлична игра во двомечот со Исланд. Го добија гостинскиот дуел, а промашија напад за победа и обезбедија реми во Скопје. 

Натпреварот во Ескишехир се игра денес со почеток од 18:00 часот.