• Иван Димовски
Македонскиот клупски ракомет чекори во позитивна насока, бидејќи се приближуваме до враќањето на позиција според ранкингот која носи директно место во Лигата на шампионите.
За жал, ниту во сезоната 2027/28 мак-ракометот нема загарантирано место во елитното натпреварување. Сепак, напредувавме една позиција на сметка на Словенија и „тропаме на вратата“ на топ десет. Норвежаните го држат последното место кое ветува сигурно место, а пред нив се Хрватска и Романија. Во последните години Еурофарм Пелистер и сега Вардар 1961 добиваа „вајлд-карти“ и така повторно имавме претставник во Лигата на шампионите.
Напредок и тоа сериозен имаме во Европската лига на ЕХФ, па таму од следната сезона ќе имаме два претставници. Македонија е десетта според ранкингот и наместо еден, во сезоната 2027/28 ќе има два клуба во групната фаза на ова натпреварување.
Што се однесува до Европскиот куп на ЕХФ, таму повторно Македонија остана со две загарантирани позиции со можност за добивање на „вајлд-карта“ поради претходните успеси.





