• Горан Упале
Поради настапите на најдобрите европски екипи на Супер Глоуб, оваа седмица нема натпревари во ракометната Лига на шампиони. Возбудувањата во ракометната елита продолжуваат од следната среда, а дербито на четвртото коло се игра во Каталонија, меѓу ланските финалисти Барселона и Алборг.
Честа да го судат ова соочување ја добија македонските судии Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Битолчаните пред себе ќе имаат голем предизвик, бидејќи судирите меѓу Барса и Алборт секогаш биле неизвесни и возбудливи. Впрочем, така беше и во јуни во Келн, кога каталонскиот гигант со минимални 31-30 славеше во мечот за трофејот во Лигата на шампионите. Со ова делегирање се потврдува врвната школа на македонски ракометни судии. Само пред три месеци Начевски и Николов го судеа финалето на Лигата на шампионите, играно баш од овие два тима.
Натпреварот меѓу шпанскиот и данскиот шампион се игра на 10 октомври, со почеток од 20:45 часот. Ден претходно Еурофарм Пелистер на свој терен ќе го пречека тимот на Спортинг Лисабон.