Македонците имаа ден за заборав во Бундеслигата

Тројца македонски репрезентативци кои настапуваат во германската Бундеслига имаа ден за заборав и ниту еден од нив не се радуваше на победа или добар учинок во редовното коло во германската елита.

Филип Миркуловски и неговиот Вецлар на домашен терен загубија од Мелсунген (26-31). Средниот бек имаше минутажа, но не успеа да се запише во листата на стрелците од еден обид, а подели една асистенција.

Филип Кузмановски и Магдебург гостуваа кај Хановер и исто така доживеаја пораз (31-28). Средниот бек шутна еднаш и постигна еден погодок, во второто полувреме од мечот. 

Мартин Томовски и Лудвисхафен играа против Гепинген, но немаа шанси да направат изненадување како гости (29-21). Чуварот на мрежата бранеше вкупно 13 минути, но не забележа ниту една интервенција.

На останатите натпревари Ерланген го изненади Рајн Некар Левен (29-29), Фуксе Берлин на домашен терен беше сигурен против Бергишер (27-24), додека Флензбург ја оправда фаворитската улога кај Минден (23-27).