„Магичниот“ гол на Манасков меѓу петте нешта кои треба да се запаметат! (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков имаше одличен натпревар на отворањето на новата сезона во Лигата на шампионите и со својот Веспрем со два бода се вратија од тешкото гостување во Франција.

Европскиот вицешампион со 24-28 го надигра Нант, а Манасков го запиша најатрактивниот потег на натпреварот, откако со удар од зад грб го измами домашниот голман. Токму магичниот потег на нашиот репрезентативец ЕХФ го смести во петте нешта кои треба да бидат запаметени од првото коло.

„Во средата против Нант, Манасков стори сè за да биде запаметен, вклучувајќи го голот од зад грб кон средината на второто полувреме“, пишува во текстот на ЕХФ за Манасков.

Манасков натпреварот го заврши со пет постигнати гола и беше најдобар стрелец за својот тим. За Нант играше Кирил Лазаров, а и тој исто така постигна пет гола и беше најдобар стрелец во францускиот претставник во Лигата на шампионите.