• Горан Упале

Екипата на Магдебург го одбрани трофејот на неофицијалното Светско клупско првенство - Супер Глоб, откако во натпревар со осумдесет постигнати гола и продолжение од десет минути славеше над Барселона со 41-39 (35-35).
Пресметката на европските гиганти, и можеби најголемите фаворити за трофејот во овосезонската Лига на шампиони, започна со брилијантна игра на бундеслигашот. Магдебург погодуваше речиси од секој напад и веднаш поведе со четири гола разлика (8-4). Освојувачот на Европската лига пред две сезони сигурната позитива ја чуваше до крајот на полувремето (21-17), а на стартот од вториот дел за првпат поведе и со шест гола (25-19).
Но, ниту тоа не му гарантираше мирно продолжение на натпреварот, бидејќи Барселона во вистински момент се разбуди, влезе во посакуваниот ритам и во последната минута погоди за израмнување (34-34). Драмата во Дамам продолжи со гол на Мертенс од лево крило, но на пет секунди до крајот на натпреварот Магнусон направи пенал и Ване погоди за продолжение (35-35). Во дополнителните десет минути поуспешни беа ракометарите на германскиот тим, кои на крај славеа со 41-39.
Омар Игни Магнусон со 12 гола беше прво име кај Магдебург, додека кај Барса Абељо заврши со десет погодоци. За победата на овој Супер Глоб, Магдебург заработи 400.000 евра.
Во битката за тратата позиција, која што беше еден вид на предигра на големото финале, Киелце со убедливи 35-26 славеше над Ал Ахли, тим кој од понеделник ќе биде предводен од поранешниот стратег на Вардар 1961, Давид Дејвис Камара.