• Иван Димовски

Ракометарите на Магдебург го совладаа ПСЖ среде Франција со 33-37, нанесувајќи му го вториот сезонски пораз во Лигата на шампионите. Средбата од десеттото коло во елитното натпреварување понуди две различни полувремиња, бидејќи и парижани имаа свои шанси за добар резултат.
Германскиот тим отвори подобро, направи предност од три гола која не успеа да ја задржи. ПСЖ се врати резултатски до егал, а до полувремето дојде и до највисоката предност од пет погодоци. Сепак, следеше нов пресврт, овојпат на гостите кој понуди драма до пред крајот. Во финишот Магдебург одржуваше водство од два до три гола и прокнижи бодови. Магнусен со 12 погодоци блесна и го водеше тимот до победата, додека кај ПСЖ се истакна Кристопанс со седум.
Гостинско славје, но очекувано запиша ПИК Сегед кај Елверум (32-34). Во изедначен натпревар унгарскиот тим успеа да го надигра и победи противникот во Норвешка. За ПИК сегед ова беше четврто славје, додека Елверум има само едно на последното место во групата Б.