Магдебург со перфектен меч го сруши Фуксе и петти пат е првак на Европа!

Ракометарите на Магдебург петти пат ја покориja Европа и го освоиja трофејот во Лигата на шампионите, откако го совлада Фуксе Берлин со 26-32 (12-16). Со доминантна и перфектна партија германскиот вицепрвак го совлада освојувачот на Бундеслигата во „Ланксес Арената“.

Финалниот натпревар тргна со три нереализирани напади, а првиот гол го постигна Лихтлајн. На тоа одговор стигна од Кристјансон со две реализации за предност на Магдебург (1-2). Тогаш на сцена стапи Фуксе кој направи серија од 4-1 по головите на Гидсел, Фреихофер и Ав Теигум (5-3). Сепак, ривалот имаше одговор и бргу се врати до егал, па дури потоа и го презеде водството. Откако беше 6-6 во ритам влезе Магдебург и со подобра игра поведе. Брзината на креирање на дефанзивниот блок и добрата одбрана врз најдобрите играчи на Фуксе беа клуч во играта на тимот на Вигерт. Направи овој тим добра серија и стигна до 8-11 со два врзани гола на Магнусон и Серадиља. Следуваше гол на Теигум и нерализиран седмерец на Магнусон, па преку Андерсон „лисиците“ се вратија до 10-11. Сепак, Магдебург пак врза два гола преку Лагергрен и Магнусон и поведе со три разлика. Највисоките „плус четири“ во првиот дел првпат ги донесе Кристјансон со гол за 11-15, а потоа на полувреме се замина со 12-16.

На стартот на вториот дел Магдебург отвори со две промашувања, а Теигум реализира за Фуксе. Првиот гол во вториот дел за тимот во водство го даде Гисли Кристјансон (13-17), па следуваше голем пех. Поради удар со лакт врз Марсениќ директен црвен картон доби Куенка Серадиља. Фуксе не го искористи периодот со играч повеќе бидејќи во него дадоа и примија по гол. Потоа младиот голман Ласе Лудвиг му фати зицер на Мертенс, Андерсон промаши напад за враќање на „минус два“, па казната стигна преку Петерсон (15-19). Во елемент влезе голманот Сергеј Хернандез кој одбрани три шута во низа, а Феликс Клар погоди за предност од 17-22. Се реши Зиверт за ризик со празен гол, па Мертенс погоди на празна мрежа за дотогаш највисоки 17-23. Два гола врза Мијајло Марсениќ за одговор на „лисиците“ по интервенцијата на Лудвог (19-23)

Се играше во брз ритам, голови паѓаа на двете страни и немаше премногу тактизирање. Магдебург имаше на моменти повеќе среќа погодувајќи „од втора“. Одново имаше Фуксе шанса да се врати на два гола негатива, ама во контра не реализира Гидсел бидејќи Саугструп му помогна на Хернандез да одбрани. И следната акција беше слична, одново Гидсел не погоди зицер откако добро се проби и Феликс Клар со вториот гол во низа донесе водство од 24-29 за Магдебург. Времето одминуваше, а германскиот вицепрвак речиси рутински си ја завршија задачата и ја одбранија стекнатата предност избегнувајќи драма во завршницата. 

Најефикасен играч на финалето беше Гисли Кристјансон со осум реализации, но од огромна помош му беше и голманот Хернандез кој собра 18 интервенции. Во таборот на Фуксе се истакна Матиас Гидсел со седум погодоци.

ФОТО/PHOTO: EHF/Kolektiff