Магдебург против Пешевски и Штутгарт се „наостри“ за пелистерци

Ракометарите на Магдебург ја запишаа деветтата победа во низа и ја продолжија победоносната серија на 21 натпревар, откако во дербито на колото во Бундеслигата славеа против Штутгарт на гости со 22-32 (14-16). Магдебург му се одмазди на Штутгарт за поразот во првиот дел од сезоната (27-29).

Екипата во која што настапува Жарко Пешевски не беше рамноправен ривал, уште од стартот заостана зад фаворитот, ама успеа да се врати пред паузата. Сепак, Магдебург рутински се одлепи по паузата и убедливо победи на гостувањето кај Штутгарт. Омар Инги Магнусон беше најпрецизен на натпреварот со девет погодоци, додека Пешевски запиша еден од четири обиди. 

Веќе за два дена Магдебург ќе го дочека Еурофарм Пелистер во рамките на реваншот во осминафиналето на Европската лига на ЕХД. Битолчани со осум поени заостанување патуваат во Германија, па реваншот се очекува да биде само формалност.