Магдебург покажа класа во Битола и убедливо го совлада Еурофарм Пелистер

Екипата на Еурофарм Пелистер не успеа да го искористи домашниот терен и забележа пораз од Магдебург на првиот осминафинален натпревар во Европската лига (24-32). Германскиот гигант во овој двомеч влезе како голем фаворит и како тим кој е во одлична форма во последниот период, а тоа го покажа и на битолскиот паркет. Во салата „Боро Чурлевски“ бундеслигашот одигра како што најдобро знае, а голема помош за тоа доби и од домашните ракометари, кои без жар и борба дозволија противникот да се „прошета“ во Битола и дома да се врати со убедливи осум гола.

Стратегот на битолскиот тим Жељко Бабиќ одново со главоболки го подготвуваше овој меч, затоа што повторно неможеше да смета на својот комплетен ростар. Од комбинација отпаднаа повредените Кушан и Вегар, додека не настапи ниту еден ракометар кој го засили тимот во зимскиот период. 

Натпреварот во празната сала „Боро Чурлевски“ започна во знакот на голманите. Чаневски и Грин ги одбранија почетните удари кон своите голови, а гостинскиот чувар на мрежата запиша уште две во низа и Магдебург со три прецизни напади поведе со 0-3. Изненадување во битолскиот табор беше тоа што Мандалиниќ, Граџан и Велковски останаа на клупата, но по одличната серија на гостите, Бабиќ веднаш реагираше и во игра го внесе својот најдобар напад.

„Мразот“ на пелистерци го скрши младиот Матео Мараш со гол дури во 7. минута, за намалување на 1-4, а потоа погоди и Маркоски од чиста позиција, но младиот Костески не реализира два зицери во низа за сериозно доближување на домаќините. Ниската бековска тројка на гостите ѝ создаде многу проблеми на одбраната на Еурофарм Пелистер, па по новата серија од три гола и водството од 3-7, Бабиќ мораше да повика тајм-аут и да ги советува своите пулени. 

Сепак, ниту минутата одмор не донесе ништо ново на теренот, битолчани продолжија со техничките грешки во нападот, а Германците немилосрдно го полнеа голот на Чаневски, па во 20. минута на семафорот стоеше 3-11. Следуваше период на нешто подобра игра на македонскиот тим и пет гола за само шест минути, но Магдебург исто така беше сигурен во нападот и на полувреме замина со позитива од шест гола (9-15). 

Ниту паузата не донесе никакви промени, пелистерци продолжија со безидејните напади, а гостинот немилосрдно го казнуваше тоа и за краток период се одлепи на максимални плус девет гола (9-18). Лошиот старт на вториот дел го натера Бабиќ одново да менува со својата тактика, па се реши за напад „седум на шест“, потег што донесе резултат и германското водство се намали на седум гола (14-21). До крајот на натпреварот двете екипи играа без поголем притисок, а тоа донесе многу голови и конечна победа на Магдебург од осум гола разлика (24-32).

Најдобар стрелец во таборот на победничката екипа беше Магнусон со десет гола, а шест впиша Дамгард. Кај Еурофарм Пелистер се истакна Мандалиниќ со шест гола, пет постигна Граџан, а по три запишаа Мараш и Периќ.

Пелистерци пеколниот март го продолжуваат в сабота со големото дерби со Вардар во Скопје, а следниот вторник го играат реванш дуелот со Магдебург.