Mагдебург не го искористи домашниот терен и ремизираше со Веспрем

Ракометарите на Магдебург не го искористија домашниот терен и во првиот натпревар од четвртфиналната фаза од Лигата на шампионите одиграа без победник во соочувањето со Веспрем (26-26). Унгарскиот гигант го имаше водството на своја страна во поголемиот дел од натпреварот, но на крај бундеслигашот се избори за реми и без негатива ќе патува на жешкиот терен во „Веспрем Арена“.

Тимот на Чави Пасквал на погонот на Лудовик Фабрегас прв зададе удар на дербито. Францускиот ас за четири минути постигна исто толку гола и беше најзаслужен за водството на унгарскиот тим, на стартот од средбата. Магдебург брзо се созеде и кон средината на полувремето израмни на 8-8, но финишот му припадна на гостите и Веспрем на полувреме замина со предност од три гола (11-14).

Унгарците долго време го одржуваа сигурното водство, но кога беше најпотребно Магдебург ги консолидира своите редови, влезе во серија и најави возбудлив финиш. Во последната минута се влезе со егал-резултат (26-26), а откако двете екипи не ги реализираа своите напади, на крај мораа да се задоволат со реми. 

Фабрегас со девет гола беше нерешлива енигма за домашниот тим, а за гостинот одличен беше и Палмарсон со четири гола. Најпрецизен во таборот на Магдебург беше Лагергрен со седум погодоци. Реванш средбата во Унгарија е закажана за први мај.