Магдебург на чекор до Ф4, Монпелје со +3 патува за Берлин

Германија и Бундеслигата веројатно ќе ја продолжат доминацијата во второто по квалитет европско клупско натпреварување во ракомет. Иако новоформираната Европска лига е при крајот на првото издание, ги продолжува навиките од ЕХФ Купот, во кој со децении доминираа екипите од Германија. 

Екипата која го елиминира нашиот Еурофарм Пелистер, Магдебург како гостин славеше во Кристијанштад со 28-34 и го направи реваншот формалност. 

Рајн Некар Левен со одличен финиш и голови на Џери Толбринг и Албин Лагергрин се спаси од убедлив пораз во Русија. Сепак, Чеховски Медведи со победа од 33-32 ќе дојде следната недела во Германија. Натпреварот го водеа македонските судии Митревски и Тодоровски. 

ГОГ Гудме со расположените Андерсон и Гидсел ја совлада Висла Плок до 30-27, иако на моменти данскиот вицешампион имаше и поубедлива предност. Монпелје го совлада променливиот Фуксе Берлин со 32-29 и веројатно возвратниот дуел од ова четвртфинале нуди најголема неизвесност. Дејан Милосављев запиша 15 одбрани, а Валентин Порт со осум гола беше најдобар во победничкиот табор.

Возвратните натпревари се играат следниот вторник, а завршниот турнир е закажан на 22 и 23 мај.