Магдебург и РНЛ на доминантен начин обезбедија Ф4 во Европската лига 

Екипите на Магдебург и Рајн Некар Левен се првите патници на завршниот турнир во новоформираната Европска лига во ракомет. 

Германските гиганти во реванш средбите од четвртфиналето ги потврдија фаворитските улоги и заслужено обезбедија место меѓу најдобрите четири екипи во ова натпреварување. 

Магдебург, кој во осминафиналето го елиминира нашиот Еурофарм Пелистер, повторно покажа моќ против Кристaнштад и со нова убедлива победа го продолжи својот поход кон посакуваниот трофеј. По триумфот на првата средба од 34-28, и вечерва Магдебург беше тимот кој доминираше на паркетот и носен од Магнусон кој реализира девет гола, извојува нова лесна победа од 39-31.

За разлика од „зелените“, Рaјн Некар Левен на реванш средбата против Чеховски Медведи требаше да брка негатива од еден гол (33-32), но „лавовите“ не потклекнаа под притисокот и со победа од десет гола разлика (37-27) слават учество на Ф4 турнирот во Европската лига.