Магдебург го прегази ПИК Сегед и е на чекор до Ф4 во Келн

Ракометарите на Магдебург се на чекор до ново учество на завршницата од ракометната Лига на шампионите, откако во првиот натпревар од четвртфиналната фаза славеа убедливо на гости кај ПИК Сегед со 28-35 (14-15).

Гостите уште од самиот почеток наметнаа силно темпо, но домашниот тим успеа да одржи резултатска неизвесност во првото полувреме, кое заврши со минимална предност за Магдебург од 14-15.

Во вториот дел германскиот состав целосно ја презеде контролата на теренот, ја зголеми разликата и со сигурна игра во нападот и цврста одбрана дојде до убедлива победа од седум гола разлика.

Кристијансон и Лагергрен со по седум погодоци беа водечка сила на бундеслигашот, додека за домашниот тим на ниво беше Шоштариќ со девет погодоци. 

За разлика од дуелот во Унгарија, во Португалија беше повеќе возбудливо и екипите на Спортинг и Алборг одиграа без победник 31-31. Данскиот тим на ова гостување остана непоразен благодарение на погодок во последните секунди.