Маџовски: Отвораме одлично, но таа „црна дупка“ не остава без бодови во ЛШ! 

Еурофарм Работник и по третото коло на несреќен начин остана без бодови во Лигата на шампионите, откако вчера повторно потфрли во вториот дел и забележа пораз од домашната екипа на Бидасоа Ирун. 

Новајлијата во ростарот на битолскиот клуб, Бојан Маџовски, жали за пропуштените шанси, но верува дека наскоро тимот ќе успее да одигра константно во сите 60 минути. 

„Сите три дуели ги отворивме одлично, игравме како што треба во првите полувремиња, и жално е што во вторите имаме „црни-дупки“, по кои ја губиме предноста и противникот прави пресврт. Не дека немаме искуство, не знам како да објаснам што ни се случува, можеби сме нетрпеливи, но верувам дека со напорна работа ќе го поправиме тоа и ќе успееме да бидеме концентрирани во текот на сите 60 минути.  

Сега нè чека еден Веспрем, ракометен гигант против кого можеме само да играме и да го дадеме својот максимум“, ни рече левото крило. 

Европскиот вицешампион во Битола ќе гостува в среда во рамки од третото коло на СЕХА лигата.