• Горан Упале
На едно коло до крајот на квалификациите женската ракометна селекција на Македонија обезбеди пласман на ново Европско првенство.
Избраничките на Грчевски со убедливата победа на Азербејџан (22-37) го трасираа патот кон континенталниот собир, а Симона Маџовска, една од нашите најдобри ракометарки, ги искажа своите први импресии од новиот успех.
„Сите бевме свесни и знаевме колку е важен овој натпревар за сите нас. Отворивме според договореното, па следеше мал пад, но брзо го надминавме. Шанса и поддршка добија сите девојки. Среќни сме што после 12 години го остваривме овој успех преку квалификации. Во недела нѐ чека уште еден натпревар каде што сакаме со победа да го завршиме циклусот и да си го потврдиме пласманот на Европското првенство", рече ракометарката на Цвикау.
Најефикасна ракометарка во нашиот состав против Азербејџан беше Јована Саздовска со седум реализации, еден помалку даде Ристовска, а пет постигна Коларовска.