• Горан Упале
По стартниот пораз од Магдебург во Германија, екипата на Пари Сен Жермен ги впиша првите бодови во новата сезона во Лигата на шампионите. Пред својата публика моќните парижани се препотија да го совладаат нашиот шампион Еурофарм Пелистер. Во драматичен натпревар ПСЖ на крај славеше со 33-27 и му го нанесе првиот пораз на битолскиот тим.
„Ова беше важна победа за нас и сме среќни на двата бода. Исто така, сум исклучително задоволен од тимскиот дух, бидејќи беше тежок натпревар. Ги контролиравме првите 20 минути, но направивме неколку грешки кон крајот на првото полувреме. Сепак, го најдовме нашиот ритам во второто полувреме“, рече новиот тренер на парижани Стефан Мадсен.
Победата од шест гола разлика не ги отсликува реалните случувања на натпреварот во Париз, затоа што пелистерци одлично се држеа до 50. минута и во финишот влегоа со предност од два гола. На крај пресуди искуството на домаќинот и квалитетот на одредени поединци.






