Лука Вујовиќ: Металург е вистинскиот клуб за мене

Прашање е колку ракометари од минатосезонскиот ростер ќе играат за Металург во сезоната 2019/20. Веќе се доведени седум нови имиња, а веројатно ќе пристигнат уште неколку новајлии. Стручниот штаб е комплетно нов, а и натпреварувањето во кое ќе играа металурзите е Куп во кој одамна не играле - ЕХФ Купот.

Младиот Црногорец Лука Вујовиќ за домашните медиумите откри како дојде до потписот со македонскиот победник на Купот. 

„Кариерата ми се движи напред со голема динамика. Ова навистина не го очекував - работите се случија премногу брзо, но верувам дека направив добар избор што дојдов во Металург. Овој клуб е вистинскиот за мене. Во новата средина ќе имам посилна конкуренција и уште повеќе ќе напредувам“, рече Вујовиќ.

Металург по подолго време ќе игра од стартот на домашната Суперлига, а во ЕХФ Купот ќе се вклучи од третото коло во ноември годинава.