ВИДЕО: Лудоста на Вујо на записничка и мечот и ќотекот во Битола кои вечно ќе се паметат

Повозрасните љубители на ракометот добро ќе се сетат на старото југословенско ривалство меѓу Шабац и Битола или меѓу Металопластика и Пелистер.

Еден натпревар пред 32 години засекогаш ќе ја смени историјата на двата клуба. Дербито од ракометниот шампионат во Југославија кое се одигра во 1988 година во Битола, помеѓу домаќинот Пелистер и Металопластика од Шабац ќе остане запаметено по жестока тепачка, во која подебелиот крај го извлекоа гостите.

Играчите на Шабац беа претепани, дресовите им беа искинати, а во таа општа гужва им беше украдена и опремата која им беше на клупата. Тренерот на Металопластика Славко Новаковиќ по натпреварот изјави:

„Пред почетокот на натпреварот, додека играчите се загреваа на теренот со мотор влезе познатиот битолски навивач Мате Шундевски. Се возеше на теренот, а публиката на трибините го поддржа со овации. Врвот на тој ракометен натпревар беше кога Исаковиќ промаши седмерец, а Мате од публика истрча да му честита на голманот на Пелистер. Знаете ли тогаш што направи судијата? На Мате Шундевски му покажа жолт картон! Жолт картон на навивач?!“.

Миле Исаковиќ, тогашното најдобро лево крило на светот, доби неколку удари со нога во глава. Поради тоа, ден по натпреварот, главата му беше цела во завои, исто така и десното око.

„Не знам кој ме држеше, но знам дека со раце и нозе ме удираа Крстевски и Зечевиќ. Им возвратив колку што можев. Но, тепаа сите и играчите на Пелистер и публиката и полицијата“, вели Исаковиќ. 

Гужвата започна кога Исаковиќ и Вујовиќ истрчаа кон записничката маса да протестираат зошто не го стопираат времето. Од таборот на Пелистер го обвинуваа Вујовиќ, дека го искинал записникот од натпреварот.

„Не е точно дека го искинав записникот. Имав лепак на рацете, оној што ние ракометарите го користиме поради лесно фаќање на топката и кога удрив со рака на масата, записникот ми се залепи на рака и тоа е тоа“, се правдаше Вујо, иако сите видоа дека токму тој беше иницијатор на инцидентот.

Комисијата на Ракометниот сојуз на Југославија првично изрече казни за актерите на инцидентот. Така на пример, ракометарот на Пелистер Цане Крстевски беше казнет со доживотна забрана за играње ракомет. Неговиот соиграч Зоран Зечевиќ беше казнет со три години забрана за игра, Слободан Кузмановски од Металопластика со две години казна, неговиот клупски другар Миле Исаковиќ една година, а Веселин Вујовиќ доби девет месеци забрана за играње ракомет. Поради лошата организација, покрај паричната казна, Пелистер беше казнет и со забрана за игра на пет натпревари во салата во Битола.

  • Комплетниот натпревар на Пелистер и Металопластика во 1988: