Лудо реми во „Нико Нестор“: Пелистерци само со бод се враќаат од Струга

Голема драма, чести менувања на водството и реми донесе првиот денешен натпревар од осмото коло на Суперлигата. Дуелот во „Нико Нестор“ заврши 30-30 (17-15), откако домаќините доминираа во првиот дел, а во второто полувреме се играше лудо и со многу пресврти. 

Јовиќ мораше да го менува тимот, бидејќи заради повреда во Битола останаа Павле Атанасијевиќ, Иван Димитровски и Никола Стоилевски. Домаќините започнаа агресивно, брзо се наметнаа со подобра игра во одбрана и со 2-3 гола разлика постојано беа во водство. Бобан Блажески беше расположен, а и Кастратовиќ делуваше мотивирано.

Битолчани полека ја стабилизираа играта во нападот и бековите Петровиќ и Ѓорговски погодија за 14-14 во 28. минута. Сепак, момците на Танески подобро го завршија првиот дел и на одмор заминаа со +2.

Стручниот штаб на пелистерци им одржал лекција на ракометарите, па вториот дел гостите го започнаа во налет. Одбраната и голманите делуваа цврсто, а стружаните во битолскиот тим, Ѓорговски и Кузманоски немилосрдно го полнеа голот на домаќинот. Од -2, Еурофарм Пелистер брзо дојде до +4 и тајм-аут на Танески. Стружани реагираа и благодарение на Владан Кастратовиќ намалија на -1. Битолчани седум минути не постигнаа гол и Струга ја врати предноста (25-24). Следеше игра гол за гол и драматичен финиш. Гостите водеа со +1, но во последната минута домаќинот израмни. Потоа двете екипи имаа удар кон гол за победа, но голманите одбранија и натпреварот заврши без победник.

Најефикасни кај Струга беа Кастратовиќ со осум и Блажески со седум погодоци, додека во тимот на Еурофарм Пелистер 2 се истакнаа Кузманоски со девет и Петровиќ со седум гола.  

Ракомет – Суперлига (осмо коло)
Струга - Еурофарм Пелистер 2 30-30 (17-15)

Спортска сала: „Нико Нестор“ - Струга
Гледачи: 300
Судии: Мирко Трајковски и Александар Вукашиновски

Струга:
Тутенкоски, Маркоски 1, Јанковски 1, Крстаноски, Савески, Пајкоски 1, Блажески 7, Ѓорѓиевски 1, Јанкуловски, Матовиќ, Барјактаревиќ 3, Дукоски, Кастратовиќ 8, Н. Цветаноски 4, Костоски 4, Нацев  
Седмерци: 4/4
Исклучувања: 8 минути

Еурофарм Пелистер 2:
Трајкоски 1, Ристевски, Ц. Кузманоски 9, Буторац, В. Димитровски 1, Митревски, Петровиќ 7, Андонов, Димитриоски 1, Талевски, Пет. Атанасијевиќ 2, Ѓорговски 5, Белистојановски, Ѓукиќ 2, Блажевски, Арсеновски 2
Седмерци: 4/4
Исклучувања: 8 минути