Лудо четвртфинале: Данска по пенали и цел маратон го исфрли Египет од СП!

Ракометарите на Данска се радуваа во првото четвртфинале на Светскиот шампионат против домаќинот Египет и по продолженија славеа со 5-4 (35-35). Домашната селекција предводена од Парондо во целост им парираше на скандинавските ривали, покажа „заби“ и беше рамноправен тим. По четири продолженија и многу драма, Данска стигна до победата и пласманот понатаму по изведување на пенали. 

Данска од самиот почеток на највозбудливиот четвртфинален дуел бркаше негатива, затоа што момците на Парондо на терен истрчаа супер-мотивирани и со цврстата одбрана и сигурната реализација долго време го чуваа водството. 

Но, како што се ближеше крајот на првиот дел, така Данска влегуваше во ритам и во 19. минута со голот на Гидсел за првпат поведе (9-8) и позитивата не ја испушти до паузата. Во клучните моменти од првиот дел покрај расположениот Хансен, фантастичен беше и Саугструп, а кога Данците ќе се разиграат тогаш црно му се пишува на противникот. Така, на полувреме се замина со предност на скандинавците од 16-13, но на почетокот на вториот дел домаќините со нови еуфорични минути експресно ја анулираа предноста на светскиот шампион и во 38. минута повторно поведоа (17-18).

Во следните 10 минути се играше гол за гол, двете селекции има свои моменти и не дозволуваа противникот да се одлепи. Сепак, во 50. минута Данска фати нов налет и на крилата на одличниот Ландин поведе со два гола позитива, но Египет експресно возврати и во последните пет минути се влезе со егал резултат од 25-25. Во клучните моменти до израз дојде квалитетот на новиот голман на Еурофарм Пелистер, Хендави, кој со одбранет зицер го чуваше Египет во живот на овој натпревар, но во самиот финиш се случи аматерска грешка на домашните ракометари, но данските ѕвезди не го искористија тоа и мечот замина во продолженија. На 20 секунди до крајот, и при резултат 28-28 Египет имаше напад за победа, но еден ракометар направи неправилна измена, па доби исклучување и топката им беше доделена на Данците, но светскиот шампион не реализира во последниот напад. 

Продолженијата во целост им припаднаа на Данците, па откако се одлепија и направија разлика малку се опуштија. Египет пак се врати и парираше со по гол заостанок, а веќе кога мечот личеше дека е готов на сцена стапи Микел Хансен. Иако е најискусен и беше многу корисен, направи техничка грешка и доби црвен картон, па Египет од пенал заработи нови продолженија. Египет беше подобар и водеше во вториоте десет минути, но во самиот финиш Санад направи ист кикс како Хансен и им даде пенал на Норвежаните за израмнување. По изведувањето на казнени удари, скандинавците беа подобри и се пласираа понатаму.