„Луд си што одиш во Србија, па зарем не го знаеш нивниот менталитет!?“

Џерона

Оваа недела Србија официјално ќе го претстави првиот странски селектор во Тони Џерона. Во разговор со српските медиуми, Шпанецот откри каква била реакцијата на неговите најблиски, кога тој одлучил да ја прифати понудата.

„Знаете, кога добив понуда од српската репрезентација, многу пријатели ми се јавија и ми рекоа: „Луд си, зарем не знаеш каков е нивниот менталитет“. Тоа е сликата што постои за Србите ширум светот, дека имате многу силен карактер. Но, секогаш велам дека претпочитам силен карактер отколку слаб, оној што треба да го поттикнуваш за сè што сакаш да постигнеш. Затоа што ако имате луѓе со силен карактер во тимот и ги натерате да работат заедно, сигурен сум дека нешто добро ќе излезе од тоа“, вели шпанскиот стручњак.

Пред 46-годишниот Џерона стои голем предизвик, да го врати српскиот ракомет на задоволително ниво. Работата ќе биде исклучително тешка, ако се земат предвид резултатите на последните големи натпреварувања на сениорската репрезентација.

Шпанскиот тренер има искуство во младинските категории во Барселона, а пред да стане селектор на Србија, ја извршуваше истата функција во Тунис.