• Мартин Танасковски

Екипите на Алкалоид и Вардар 1961 го одиграа дербито на денот во Суперлигата на Македонија, а истото заврши без победник со резултат 26-26 по голема драма во „Автокоманда“. „Црвено-црните“ беа на прагот на пораз, па со ова реми може да бидат позадоволни од епилогот.
- Комплетниот натпревар меѓу Алкалоид и Вардар 1961:
Домаќинот подобро тргна во мечот, имаше цврста одбрана и потпомогнат со одбраните на Марко Кизиќ се одлепи на 5-2. Имаше Алкалоид и напад за плус четири кој не го искористи, па потоа Вардар на искуство се врати во игра и израмни на 5-5. Оттогаш мечот беше вистинска игра на нерви, Вардар единствено водеше со 7-8, а потоа Алкалоид пак го сврти мечот (10-8) и се играше израмнето до паузата, кога беше 12-12.
На стартот на вториот дел Вардар беше поконцентриран, се одлепи на 12-14 со головите на Борозан и Јагуриновски, плус од два гола кој стоеше и на 14-16, потоа беше и 15-18, што беше аларм за Алкалоид. Домашниот тим некое време се мачеше да се врати, но успеа со лесни голови и брза игра да дојде на 21-21. Вардар имаше проблеми со исклучувањата, двапати на мечот остана со по двајца играчи помалку на десет минути пред финишот, кога беше 22-22. Потоа на сцена стапи Иван Галевски кој фати топка, Алкалоид доби напад за водство, кој Петковски го реализира. Се играше израмнето до 25-24, а потоа Галевски имаше уште две врвни одбрани, ама неговите соиграчи не ги наградија за плус два.
Во третиот обид не погоди и Франциско за плус два, а Вардар во нападот за израмнување, по тајм-аутот дојде до 25-25 со гол на Хориха. Имаше уште една минута до крајот на семафорот, Никола Маркоски донесе 26-25 за домаќинот, а Милан Лазаревски на спротивната страна во последните секунди по додавање на Хориха погоди за реми.
Најдобар стрелец кај Алкалоид беше Мартин Серафимов со осум гола, пред Мартин Ивановски со пет гола, додека кај Вардар 1961, Вуко Борозан даде седум, а Милан Лазаревски имаше шест гола.