Лоши вести за Хрватска: Бразилците го надиграа Исланд

Репрезентацијата на Бразил ја забележа втората победа во втората фаза на Мундијалот совладувајќи го Исланд (32-29) и ја закомпликуваа ситуацијата во групата и борбата за местата кои водат во Олимписките квалификации.

Поразот на Исланд носи лоши вести за Хрватска, која би можела вечерва да остане без олимписки квалификации. Според актуелниот пласман, Бразил е четврти, а „каубојите“ на Червар сега се петти во групата и во последниот меч од втората фаза ќе мора да ја победат Франција, за да не зависат од други. На Хрватска ѝ одговара и реми, затоа што така ќе заврши пред Бразил со пет бода.

„Кариоките“ го отворија мечот фантастично, поведоа со 5-0, но Исланд не се предаде па фати приклучок пред финишот на првиот дел. Резултатот гласеше 14-9 за Бразилците, но Исланд направи серија од 1-6 и на пауза се замина со изедначен резултат (15-15).

„Рибарите“ во вториот дел беа рамо до рамо со Бразил се до 48. минута од мечот, кога од 24-24, „кариоките“ се одлепија на 27-24 и константно одржуваа предност до самиот финиш. Најдобар кај Бразил беше Лангаро со девет, додека Толедо постигна осум гола. Кај Исланд, Јонсон даде седум, а Магнусон шест гола.

Во вториот меч од 15:30 часот, кој се играше во рамки на втората група во Хернинг, Египет убедливо го доби африканското дерби со Тунис (30-23). Најдобар во таборот на Египќаните кои водеа од почеток до крај беше Елахмар со шест гола, додека кај Тунис, Буганми реализира шест пати.