Љатифи: Ни требаат три засилувања, ЖРК Чаир ги сака титулите

Екипата на ЖРК Чаир изминатата година ја претставуваше Македонија во еврокуповите, а по елиминацијата се фокусира на домашната сцена каде сака да освои барем една од титулите. Тренерот Басри Љатифи говореше за ситуацијата во клубот и за целите кои се зацртани.

Предводникот на чаирчанки истакна дека се потребни три засилувања за екипата да биде уште поквалитетна. Првата цел е зацртана, тоа е пласман во плеј-офот, меѓутоа сите се децидни дека тука нема да се застане.

„Од почетокот на сезоната имавме искрена посветеност и сериозен пристап кон секоја работа и се подразбира дека успехот не изостана. Заслужен што ја остваривме нашата цел клубот да биде на врвот на табелата и да обезбеди место во плеј-офот за да се бори за титулата не сум сум само јас, туку и ракометарките и стручниот штаб со кои заедно завршивме прекрасна работа.

Според мене, на клубот му требаат три засилувања, но не сакам да шпекулирам со имиња. Заедно со стручниот штаб ќе одлучиме кои ракометарки му требаат на клубот во моментов и на кои позиции ќе ги засилиме. 

Досега резултатите се позитивни, се надевам дека ќе бидеме уште подобри со засилувањата што ќе ни дојдат. Сите знаеме дека оваа година целта ни се шампионската титула и Купот на Македонија, па затоа се бориме на два фронта иако сме свесни дека во пролетната сезона ќе се натпреваруваме во плеј-офот и имаме добро подготвени противници. Сепак, се надевам дека на крајот ќе ја постигнеме главната цел што ја имаме“, изјави Љатифи.

Во плеј-офот на женскиот ракомет ќе играат осум екипи, а ЖРК Чаир во разигрувањето за титулата и за Европа ќе се соочи со ЖРК Ѓорче Петров, ЖРК Металург, ЖРК Вардар, ЖРК Куманово, ЖРК Пелистер, ЖРК Стружанка и ЖРК Овче Поле.