Елена Ливриниќ се збогува со Рапид и замина во Глорија Бузау

Македонската репрезентативка Елена Ливриниќ се збогува од Рапид Букурешт затоа што менува средина и во наредниот период ќе ги брани боите на друг клуб.

Ливриниќ, која има 25 години, си замина од Рапид Букурешт ама не си оди од Романија. Ракометарката постигна договор со Глорија Бузау, тим кој се бори за висок пласман во романскиот ракометен шампионат.

Левиот бек досега во Романија има два клуба - Рапид Букурешт и Данубиус Галаци, а претходно настапуваше и за ЖРК Металург.

Ливриниќ требаше да ја предводи македонската репрезентација во продолжението на квалификациите за Европското првенство, но заради пандемијата ковид-19 натпреварите од продолжувањето на квалификационата група се завршени.