Литванија славенички се враќа од Естонија, Хрватска во вториот дел ја „скрши“ Чешка!

Ракометарите на Литванија одиграа уште еден квалитетен натпревар во рамките од квалификациите за следното Европско првенство. По победата над нашата селекција во ноември минатата сезона, вечерва Литванците забележаа рутински триумф на гостувањето кај Естонија и новите два бода ги впишаа со резултат 20-30.

Гостите уште во првото полувреме ја завршија својата задача, откако по израмнетиот старт влегоа во посакуваниот ритам и почнаа да го градат сигурното водство. На полувреме се замина со 10-17, а Естонија ниту во второто полувреме немаше решение за разиграниот противник и остана без бодови и по третиот натпревар од групата 1 (20-30).

Хрватската ракометна селекција за првпат се собра по неверојатниот настап на Светското првенство и второто освоено место и запиша нова победа во евро-квалификациите. На гостувањето кај Чешка, момците на Дагур Сигурдсон славеа убедлива победа од 29-35 и осамнаа на лидерската позиција на табелата во групата со два бода повеќе од денешниот ривал.

Тин Лучин со десет гола беше најпрецизен во таборот на Хрватска, Марио Шоштариќ постигна седум, а Марин Шипиќ пет погодоци. Кај Чесите, Пирох постигна седум гола, а шест крај своето име запиша Јонас Пацел. 

На останатите натпревари од квалификациите за Европското првенство, Исланд беше сигурен на гостувањето кај Грција (25-34), а драмата во Подгорица ја доби Унгарија, која со 25-27 славеше над Црна Гора.