„Лисиците“ го сопреа Флензбург по 55 меча, Кил гледа кон титула во Бундес лигата

Екипата на Флензбург на домашен терен го загуби еден од најважните натпревари оваа сезона против Фуксе Берлин (29-33) и е на прагот да ја загуби титулата во германската Бундеслига.

Домаќинот важеше за апсолутен фаворит, но потфрли во второто полувреме и мора да се помири со пораз. Ова беше прва победа за „лисиците“ над Флензбург по септември 2010 година, или прв пораз на домашен терен по неверојатни 55 меча по ред во германската елита (последен неуспех против Кил во 2017 година). Сега Кил е во пол-позиција за титулата во германската елита.

Прво име кај победникот беше Линдберг со 11 гола, пред Вујовиќ со пет гола, додека кај Флензбург, Ласе Сван постигна седум гола, пред Ване исто така со седум гола.

Кил си ја заврши работата, дома го совлада Гепинген (31-23) и е лидер во Бундеслигата со еден бод повеќе во однос на второпласираниот Флензбург. Хановер на Кузмановски на гости славеше кај Мелсунген (20-28), додека Лемго беше подобар од Ерланген (31-35).

До крајот на Бундеслигата има уште три кола. Кил игра со Лудвигсхафен, Лемго и Рајн Некар Левен, додека Флензбург го чекаат мечеви со Нордхорн, Ерланген и Балинген.